СДСМ и ДУИ: Никогаш да не се повторат настаните од 27 април 2017
0
184
Премиерот Зоран Заев денеска изјави никогаш повеќе да не се повторат, како што вели, непосакуваните настани од 27 април 2017 потсетувајќи на лузните што ги носи како еден од нападнатите при насилниот упад во Собранието. Тој изјави дека неделниот собир на демонстранти од опозицијата за поддршка на осудените луѓе за нападот е во најмала рака забеганост.
„ Ќе го споделам уште еднаш чувството дека тој 27 април 2017 година два часа и 15 минути секоја секунда јас, колегите пратеници и новинарите околу нас чекаа да го изгубат животот. Буквално секоја секунда вековиште беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собранието е или забеганост или е соучешниство, ништо друго,“ изјави денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека се надева оти никогаш повеќе нема да се повторат такви настани никаде во светот затоа што, како што вели е застрашувачки да го видите лидерот на опозицијата, односно алтернативата на власта како презема одговорност и чест, како е прв меѓу поддржувачите на луѓе кои се веќе правосилно осудени и уште повеќе на очиглед на целата јавност сите знаеме дека се обидоа да убијат.
„ И навистина ова е надвор од здравиот разум. Сакам да ја потсетам македонската јавност да има секојпат предвид што всушност има во државата, што се алтернативите коишто постојат во нашата земја и да не дозволат девијантни појави коишто Северна Македонија повторно ќе ја однесат во неповрат или во грозотија од која што сите бевме згорзени на тој 27 април“ изјави тој.
Демократската унија за интеграција апелира до сите политички партии да се заложат дека 27 април повеќе нема да се повтори. ДУИ го осуди говорот на омраза што се слушна за време на протестот организиран во недела во одбрана на обвинетите и осудените лица за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
„Појавувањето на менталитетот од пред 2001 година не е и личи на едно мултиетничко општество и држава како што е Република Северна Македонија бидејќи тоа го отежнува континуираното градење на доверба меѓу нашите народи. Една од учесничките на овој протест за време на нејзиниот говор пред присутните рече дека за неа е неприфатливо осудените од 27 април да останат зад решетки и како што истакна, терористите од војната во 2001 година да бидат дел од законодавната, извршната и судската власт. Истата учесничка исто така рече дека луѓето кои го тероризираа Собранието на 27 април 2017 година се патриоти, родољубиви луѓе и дефинитивно не треба да се третираат исто како терористите од 2001 година“ се вели во партиското соопштение.